Економска слобода

Сакам да направам еден делумен рекапитулар на економските слободи во Македонија, како еден “reality check” за јаката пропаганда дека сме многу јаки за “дуинг бизнис“. Ќе биде релевантен особено во пресрет на глобалната економска нестабилност и криза која се очекува да биде далеку поголема од онаа во 2008ма година.
Да почнеме со кратка и некомплетна листа на тривијални економски факти кои секојдневно ги ограничуваат правните или физичките лица во РМ, кои не смеат да:

  1. Внесуваат и изнесуваат злато и сребро во РМ. Затоа златните и сребрени монети во златара чинат 100% повеќе од регуларната светска цена. Лиценцата за внес и изнес на злато ја дава гувернерот на РМ. Граѓаните на целиот свет без проблеми се шетаат со злато во џеб и се слободни да инвестираат во истото по моменталните цени на светскиот пазар.
  2. Поседуваат и тргуваат со биткоин и криптовалути. НБРМ редовно се јавува во медиуми штом примети дека мрда пазарот. Затоа кај нас на пазарот криптовалути се продаваат за 30-70% повисока цена отколку на светскиот пазар.
  3. Внесуваат и изнесуваат над 2000 Еур кеш во границите на РМ. За повеќе треба посебна документација.
  4. Како физичко лице испраќаат вирмански кон странство повеќе од 2500 Еур месечно. Можеш да плаќаш на неколку пати по 2500, но со голема провизија, што го прави неисплатлив зафатот.
  5. На физичките лица им е забрането да поседуваат недвижнини и банкарски сметки во странство.
  6. На правните лица им е забрането да купуваат девизи и да ги чуваат на девизна сметка. Купувањето девизи е дозволено само за цел на плаќање кон странство, со доказ фактура или договор, и купените девизи смеат да лежат на сметка само неколку дена.

Во време кога домашните банки едвај додржуваат против крах на денарот (коментар од локален банкар), банкарите од Вол стрит, Лондон и Франкфурт едвај додржуваат пад на доларот и експлозија на цената на златото, вие како граѓани на Македонија сте осудени први да настрадате со збришување на вашите средства заробени во „волатилни“ валути, бидејќи сте оневозможени да ги заштитите од самиот банкарски систем.
Во контекст на овие не-слободи и ставање на целото население во економско заложништво, вреди да се размисли што значат зборовите демократија, слобода и кому му служи сето ова. Мојата проста математика кажува дека како луѓе, индивидуи, се` на се` сме во минус од овие играрии на финансискиот систем.

Разни политички назначени авторитети со сериозна фаца ќе речат, сето тоа е за заштита од криминални дејства, против перење на пари од страна на мафијата… и слично. Се сеќаваме на извештајот од една голема меѓудржавна организација што го потврди каналот од 500-800 милиони евра годишно што стандардно се перат преку Македонија. И се сеќаваме што му се случи на директорот на агенцијата за/против перење пари Ване Цветанов, кој премногу буквално и одговорно си ја сфати работата. Најголем ефект кој во пракса се постигнува со таквиот систем, е угушување на економската слобода на граѓаните и поголема контрола врз нивните средства, со цел нивно поефикасно даночење/крадење низ јавните буџети.

Во неодамнешните парламентарни избори немаше ниту една политичка програма која го третираше проблемот на економски неслободи, како суштински проблем на економијата и општеството. А истовремено на големо се труби со празни фрази за поддршка на претприемништвото и за повеќе вработувања. Тоа јасно покажува со кого си имаме работа. Само некомпетентни или нечесни луѓе со не-добри намери излегуваат со платформа за практично понатамошно економско подјармување на луѓето. На неспособни и жедни за власт им треба подјармен и контролиран народ, бидејќи самите не се способни ниту да визуелизираат, а уште помалку да створат развој и слобода. Принципот е прв во село!

Мора така, а инаку како би владееле?

Она што ние можеме да го сториме е да ја рашириме свесноста за економските слободи и нивната важност, и да ги градиме.