УМЕТНОСТ НА ПОЛИТИЧКОТО ВОЈУВАЊЕ

Сакам да разглобам еден принцип за водење на политичка борба, кој сметам дека е пресуден од памтивека до денес. Иако истиот е потврдуван низ историјата, досега не е во пракса етаблиран од науката и естаблишментот, бидеќи е поразителен за нив. Дури во пракса најчесто се оди спротивно на него.

Имено, кога две групи се во долгорочна политичка борба за превласт и превземање на една територија или општество, за дефинитивна победа доволна е само контролата врз ТОЈ еден и единствен принцип. Алтернативно може да оди и без него, а со методичен процес во кој се смислуваат куп тактики и стратегии, да се тестираат на бојното поле, па да се менуваат согласно со успехот. Не дека и овој процес не би имал шанси за успех, бидејќи сепак е методичен и има логика, но сепак изискува огромни ресурси и жртви(политички и секакви) и успехот е прилично неизвесен.

Од друга страна, преку контролата на овој единствен принцип се овозможува сигурна победа, со споредбено далеку помали сопствени жртви и страдање. Едноставно работата сама од себе се одвива глатко, што може да се потврди и во неодамнешните историски и дневно-политички настани кои за жал претежно се на наша штета, бидејќи сме на губитничката страна. Леснотијата во реализацијата индицира едноставен пристап. Едноставноста е пак врвот на софистикацијата и симболизира дека комплетно е совладана проблематиката. Во очите на страничниот набљудувач, таквото лесно контролирање на исходите во реалноста е магија, вистинска уметност, поезија во движење, со краен резултат триумф.
Се работи за принципот на меритократија, за сите многу познат, па можеби ќе си речете е толку очигледен и прост што не мора да се разработува. Но сепак мора да се потсетиме, бидејќи истиот го забораваме и не го практикуваме, по се изгледа бидејќи не сме свесни за неговата пресудна важност. Резултатите на ова ги гледаме секој ден околу нас. Дополнително, во последниве децении меритократијата како принцип е под уште поголем организиран систематски напад од страна на бандата уништувачи на светот, природниот поредок и човештвото: нихилистите, постмодернистите, марксистите и ним сличните.

Да се вратиме на суштината. Страната која победува, има меритократорна организација. Има вистински старешини и стручњаци на раководни позиции, наместо корумпирани ќелеши и медиокритети. Таа е способна да функционира ефикасно во насока на своите цели. Освен тоа, таа страна е исто така способна максимално да го искористи овој принцип, односно кај противничката страна да изврши субверзија и да им ја уништи организационата меритократија. Да се постават контролирани или неконтролирани идиоти на клучни позиции, а квалитетните систематски да се уништат и исфрлат. Дали е случајна политиката на прогон и емиграција на способните од страна на повеќето влади од осамостојувањето на Македонија до сега? Моето искуство вели не.

Недостатокот на меритократија кај нас е олицетворен во таканаречената „негативна селекција“, во „старата матрица“, во релативизацијата на етиката и немањето на критериум, во УДБА, во приватизацијата, во лажната политичка куклена претстава, во националните и државни предавства, во очајното „од нас држава не бидува“, во одливот на мозоци, во изумирањето на народот, во системската репресија врз секоја автентична македонска индивидуа со реален импакт, во секој ќелеш поставен на раководна позиција, во воените и политичките порази и тн.

Не кажав нешто којзнае колку ново. Меѓутоа, ако се земе долгорочноста на ваквата политичка борба, има еден многу важен момент, а тоа е дека децениските или вековните текови не се одвиваат случајно и дека не сме прв пат сме под ваков силен налет. Сме биле тука со милениуми. Не` бришеле и затрупувале и пак сме испливувале. За триумф потребно е дејствувањето да биде долгорочно, генерациско, но пред се` на здрави нозе.

Затоа, колку побрзо и потемелно го разбереме овој принцип, толку поскоро ќе имаме пресврт и ќе испливаме како луѓе, народ, човештво. И доколку ова ни е јасно, нема самоубиствено да поддржиме или учествуваме во не-меритократорна организација или процес. Ние со нашето учество му ги даваме силата и крвотокот на убиствениот систем. Тој вампиризам му е неопходен на системот за да опстои. Со самото наше повлекување и зачувување на нашата сила и ресурси од не-меритократорниот систем, ги правиме тие да бидат достапни за борба за препород и живот во слобода и меритократија.