Потенцијалот на целиот човеков вид го носат неговите слободни, слободоумни, слободарски, вистинољубиви, креативни, храбри, духовно силни и принципиелни членови. Тие за човека претставуваат најблиското олицетворение на идеалот човек. Единствено во нив лежи надежта за вистинска цивилизација што ќе го донесе златното доба на човештвото.
Но, живееме во време кога до максимален израз се дојдени другите. Другите, своеволно поробените, кои ја абдицирале својата вродена слобода, сервилните, полтроните, насилните, настраните, душевно слабите. Оние кои и` поверувале на измамата дека се неспособни, невредни, безначајни, жртви, кои за грст материјални привилегии и моментална утеха на егото си ја продале душата, и кои го примиле ѕверскиот менталитет „човек на човека му е волк“, станувајќи војници против човештвото во армијата на злото. Низ вековите тие се оловната топка врзана за ногата на човештвото. Заради тие абдицирани абдали не можеме да се наречеме цивилизација. За жал тие се во голем број, бидејќи се интензивно стимулирани и инкубирани на најразлични начини од страна на злото. Како такви, во спрега со средствата за дезинформирање и присила, служат како острица за уништување на народот и промовирање на лажно мнозинство и консензус околу нивните антихумани идеи. Поткупени со шака сребреници и опиени во својот себепрезир кој го проектираат врз светот, достигнуваат доволно инверзен, искривен и антихуман светоглед што им овозможува себе и човештвото да се издаваат и пуштаат низ вода.
Тие (себе)предавници, во ова време на кулминација, од оловна топка, преоѓаат во џелати на човештвото. Под диктат на злото се обидуваат да ја елиминираат слободата на првите, да ја елиминираат светлината која осветлува се`, вклучително и нивниот срам и инфериорност. Ќе сакаат да го елиминираат секое жарче слобода, секој зрак светлина, не знаејќи дека тие жарчиња се потенцијалот на нивните деца, на сите идни генерации. Не знаат дека тие мали жарчиња го претставуваат човештвото.
Абдицираните предавници уште многу нешта не знаат, или не сакаат да знаат. Не знаат дека да се биде слободен е да се биде човек. Слободата на малкумината слободарци е светлината која го огрева светот. Без таа светлина, ниту сребрениците на предавниците ќе имаат отсјај или вредност. Некои доцна ќе ја сфатат себеизмамата, но тогаш ќе им преостане само темен амбис кој ќе ги зацарува и ќе ја измачува нивната душа.
Сепак, доколку превезот пред очите и срцето не им дозволува да ја познаваат слободата, свесноста, креативноста, храброста, како воопшто би можеле да го разберат распоредот на силите? Не знаат дека темнината не може против светлината, неприродното против природното, уништувачот против креацијата, бунтовникот против Бога. Сега е крајно време да осознаат дека треба да го примат Бога и светлината во своето срце за да добијат сила да се покајат и ослободат. Ќе им биде простено. Во спротивно неминовно ќе завршат како Јуда. Изборот е тежок, но истовремено и многу лесен доколку се запали жарчето.