Колку ли само перфидно, подмолно и брутално темната страна ја первертира и стиска во канџите валканата душа на паднатиот човек кој е нејзин слуга. Така, темнината го уверила паднатиот, и тој секое утро гледајќи се во огледалото потсвесно верува во тоа, дека е слаб, просечен, зависен, беспомошен без лепливата прегратка на темниот корумпиран систем. Љубовта кон себе, и љубовта кон светот ги има заменето со цинизам, нихилизам, деструкција. Тоj ова никогаш нема отворено да си го признае, освен во момент на слабост или катарза.
Веќе е навикнат на овој светоглед, како друг и да не постоел. Па така успешно плива во системот, користејќи ги сите коруптивни бенефиции кои му или не му следуваат. Сета таа површна материјална корупција ја трупа на местото каде некогаш била неговата душа, но бесконечен амбис не се полни, иако тој се обидува да натрупа сé погрозничаво. Тој верува дека и другите се такви како него дури и полоши. Сета своја злоба и малодушност ја проектира врз другите. Човек на човека му е волк, смета тој. Целта ги оправдува средствата, неретко се потсетува. Па така понекогаш ќе си дозволи да згазне и на некој леш по патот, или на поголем број лешеви ако мора, доколку тоа го побара од него темната страна нели за да му даде некое светликаво наградиче. Свеста, информираноста и совеста, она што во голема мерка интелектуално го прави човек – Homo Sapiens, му ги дал под кирија на газдата, кој ги чува под клуч во фиока. Темниот инверзен систем, таквото получовечко битисување го воздигнува на ниво на врвна етичка вредност, додека паднатиот човек таа перверзија на реалноста со крештење ја бодри и бара уште.
Понатаму, паднатиот човек освен со тривијални материјалности својот внатрешен амбис (его) го полни и со ниски емоционални наслади, особено со завист и злоба кон другите. Затоа сака да ги споредува своите тривијалности со оние на другите и му се полни егото ако во тоа го надминал соседот, колегата, братот. Во вистински важните нешта, како натпревар на идеи, вистина, слобода, човечка добрина, не сака да се споредува бидејќи тоа му отвора сурова рана и доживува болка кога низ туѓиот човечки квалитет за момент ќе му се отслика во контраст неговата духовна беда.
Тој е толку изгубен во системот на темнината, што дури не мора ни да биде поткупен материјално, бидејќи е спремен како наркоман да остане приклештен и да одработува против луѓето и за самата краткотрајна и јалова ниска емоционална наслада. Јас имам, а тој нема. Јас можам а тој не може. Јас имам моќ, а тој ја нема. Својата беда ја претвора во фатаморгана од победа, сурово залажувајќи се. Паднатите како група ставени во ехо комора, меѓусебно залажувајќи се и повторувајќи ги како ехо илузиите кои им се наметнати, буквално сами меѓусебно се држат потчинети во пирамидата на темнината. Никој не смее да излезе од казанот.
Наркоманскиот наплив на емоции е единственото што е битно. Телото избодено од игли, отруено, реалноста целосно деградирана, човечкиот живот згазен, тоа веќе не се регистрира во светот на наркоманот. Сé ќе даде за следниот фикс, и опортунистички го исчекува и зграпчува, дали тој дошол во форма на одобрување од системот (“Да, ти си многу интелигентен.”), или како звање и позиција која му го масира егото (примариус доктор министер господин господин чиновник во пирамидата), или нешто уште побанално како шопинг или пиење на фашистичко кафе кое друг ‘инфериорен’ не би можел да го добие.
Ако ти читателу случајно се препознаваш во сликиве, жалам за твојата привремена болка. Но знај дека највисоката љубов е цврстата љубов, не само од мене што го пишувам ова, туку пред се онаа од тебе кон себе.
Во секој случај ти ја посакувам, бидејќи ако искрено ја побараш значи дека ја заслужуваш, без разлика кој и што си бил. Можеби првиот чекор треба да биде едно мераклиско слободарско кафе, испиено без стеги и илузии заедно со домашните.
Се гледаме во добрата борба.