“Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.”
Матеј 7:14
Периодов оваа вистина уште посилно се потврдува. При тековната ескалација на лагата и сето зло што ја следи, особено се предизвикани на искушение оние кои барем делумно ја прозреле и се трудат да останат на правиот но тесен пат.
За жал, многумина од нив застрануваат и пропаѓаат во својот стремеж, како жртва на сопствената некомплетност и умствено-духовна себе-ограниченост, која ги спречува точно да ја восприемат целата реалност.
Сега кога се двојат козите од овците, пред нас често се исправаат прашања од различни сфери, секое со суштинска важност околу тоа дали сме на правиот пат. При овие предизвици доволно е една лага да го пробие филтерот на разумот и да навлезе во светогледот за битието комплетно да се корумпира и асимилира во спротивната страна, без разлика на минатиот труд и просветленост во една парцијална сфера. На тој начин неизбежно се` повеќе се намалува бројот на исправни и достојни.
Затоа се вели „ѓаволот е во деталите“.
Во ова време кога грешките стануваат се` поскапи, за останување на тесниот прав пат потребно е целосно разбирање, или барем внимателност и отвореност кои се добиваат со свесноста за недостатокот на целосното разбирање.
Просто речено, чувајте се од нереална самобендисаност, ограниченост и нарцисоидност. Знаењето е достапно, понудено и на дофат, само треба да се посегне по него, или барем да не се одбива. Бидете внимателни и будни, со скромно, отворено и чисто срце како на дете, учејќи секој ден.