Иако човекот по дефиниција биолошки треба да е sapiens, односно свесен и совесен, тој тоне во сопственото суштинско непознавање и во општа несвесност и несовесност. Со тоа тој станува жива контрадикција во поим, битисувачки оксиморон, сопствена антитеза.
Контрадикциите и оксиморонот пренесени од светот на идеите во физичкиот и особено органскиот жив свет изгледаат гротескно циркуски изопачено, брутално, ѕверски (авто)деструктивно. Таквите извештачени и извитоперени исклучоци во природата многу ретко се сретнуваат, бидејќи се спротивни на природните закони. Иако човекот со својата огромна но погрешно насочена дарба успева подолго време да излегува од рамките на природните закони и навидум да одолева на неминовното, се` поочигледна и повисока е цената што ја плаќа за тоа, а истовремено очигледен станува и крајниот исход.
Таквата човекова сопствена контрадикција во поим е главниот предуслов за општото био-социо-економско уништување кое го гледаме низ светот. Неспорно постојат организирани сили кои истото го помагаат, но клучот сепак останува во човекот, односно неговото соочување со самоуништувачката патека и одлуката за враќањето кон себе.
Биолошки неодржливата контрадикција ќе продолжи со самоуништување до самиот крај, се`додека не се формира едно здраво свесно хумано општество, барем од оние преостанатите кои целосно ја отелотворуваат човечноста и следствено ја разбираат нејзината суштина.
Ако во сегашново самоуништувачко и релативистичко општество, единствената константа е покорувањето на уништувачките агенди, кое по дефиниција го исклучува имањето здрави и човечни принципи, тогаш можеби во тоа ново општество треба да го пробаме спротивното, да имаме принципи. И тоа не било какви, туку едноставни, комплетни, меѓусебно кохерентни, усогласени со суштината на човекот, општеството и пошироката реалност на природните закони. Па од нив да тргнуваме во секоја ситуација и низ нивната призма да се гледа се` без исклучок. Принципиелно, за промена.
Оттука, мое размислување е дека единката во едно ново општество ќе мора во пракса да ги земе слободата, вистината и својот човеков вид како апсолутни приниципи, за тоа општество да се одржи и развива во вистинска цивилизација. Притоа кај цивилизација потенцирам на цивилност, односно неагресија. Овие принципи неслучајно се апсолутни, бидејќи овозможуваат во пракса да се манифестира човековиот дар и искрата за создавање, да се опстојува хармонично, кохерентно, во рамки на природните закони. Додека нивното најмало кршење од било каква причина по дефиниција директно удира во духовниот, интелектуален и физички интегритет, и води кон некој аспект на самоуништувањето кое е спомнато погоре.
Доколку „едноставноста е врвно совршенство“ како што рекол генијот Леонардо Да Винчи, тогаш овие едноставно совршени принципи нека ни бидат знак и водилка за човечноста. Мислам дека не би згрешиле многу ниту од рационален, ниту од духовен христијански аспект.
Со оглед дека сето ова е кажано во форма на кратка провокација за размислување, без детално образложение, можеби за скептичниот ум вака едноставно напишани како обични зборови, принципите вистина, слобода и човек му звучат нејасно, тривијално, паушално, некохерентно, некомплетно или едноставно не резонираат. И тоа е фер. Но концептот можеби ќе стане поблизок доколку се отслика преку еден симбол, кој мислам дека го отелотворува. Тој симбол на сите добро ни е познат, не само зошто сме го виделе или почувствувале во световното или во духовното, туку бидејќи некогаш одамна со години сме го носеле во себе, сме го живееле, кога и самите сме биле чисти, целосни, апсолутни – како невино бесценето дете кое ја сака слободата, вистината, другите деца. На тоа дете мораме и секако ќе му се вратиме, на овој или на оној начин.