Roadkill

Во универзалната војна помеѓу доброто и злото, вистината и лагата, креацијата и уништувањето, човечноста и ѕверството, поборниците на двете страни имаат сосема различни изгледи и исходи кои се фасцинантно соодветни на идејата која ја застапуваат.

Оние кои се поборници за вистината и ја афирмираат реалноста, во еден систем кој сеуште му припаѓа на противникот, во просек обично им се случува да бидат маргинализирани од страна на авторитет кој ионака не го признаваат. Таквата загуба, па и да е драстично поголема, не е некој проблем, ако се земе во предвид бесконечната големина на влогот за кој се борат.

Од друга страна, сите знаеме доста примери каде оние кои гласно се залагале за лагата, за уништувачкиот систем, за ѕверскиот третман на другите, за отворени или прикриени мизантропски идеи, кои до вчера ликувале во лажната слава дадена од уништувачкиот систем, или накратко живееле и дишеле со лажната идеја, „одеднаш“ и „ненадејно“ настрадале од самата таа идеја. Со тоа им се одзема се` за кое јалово се залагаат и борат – материјалноста.

Пострадуваат тривијално и брутално, без церемонии и почести за нивниот придонес за лагата, како прегазени животни на патот, односно roadkill на англиски. Стануваат употребени жртви на искривена идеја. Многу логично, бидејќи идејата е примарна и од неа следува се`. Кога се живее лагата наспротив реалноста и природата, се знае кој исход може да се очекува. Преку нивната искривена идеја, тие ја носат и моралната одговорност за наивните кои верувајќи им трагично настрадале.

Ваквиот терк на исходи кај лажговците, поетично ја нагласува причинско-последичната законитост на унитарната идејно-материјална реалност. Не случајно оваа законитост е забележана и од верниците: „Господ ќе му плати“; и од секуларните: „Револуцијата ги прождира сопствените деца.“

Живееме во фасцинантно време во кое ескалацијата на хаосот ја нагласува апсолутноста и неумоливоста на природните закони, особено на оние кои слабо или воопшто не се изучуваат во училиште.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *