Животиште

300.000 руси, кои како поголемиот број жители на планетава, се надеваа дека животот до крај ќе си го проживеат по линија на помал отпор, наеднаш од утре во 05:00 треба да се појават во центарот за мобилизација за да добијат важна пратечка улога во приказната на светската сцена, односно првата борбена линија на фронтот.

Исто така, милиони европјани зимава добија улога во трилерот каде неизвесноста е во тоа дали ќе се греат, хранат или ќе платат рата за кредитот за кровот над глава.

А сите заедно ќе се возат во ролеркостерот на можната брза смрт од нуклеарна катаклизма или спора смрт од зелената анти-хумана агенда, биомедицинскиот и економскиот тероризам.

Инаку во моментов далеку сме од најинтересното, бидејќи само што заврши воведот во приказната, која допрва ќе станува интересна со претстојните заплет, кулминација, перипетии и расплет. Приказната е за сите од 7 до 77, каде публиката е воедно и актер. Секој *одеднаш* сакал-нејќел стана играч, макар статист или епизоден карактер, во голема приказна.

Кој би помислил и кој би рекол дека сето тоа ќе се случува и ќе допре до секој еден човек? Кој би помислил дека една светска клика од отпадници од човештвото, мизантропи, дел окултни вавилонци дел уличари, форсирани поткупени идиоти, на сатански каиновски начин би ги втурнала браќата и сестрите во најтешка голгота, со цел потоа некој да понуди лажен спас преку максимална човечка деградација и глобално ропство.

Кој би рекол, освен некои современи визионери, заборавени мртви пророци и стари неважни книги? Секако не тоалет хартија естаблишментот од вестите во седум ипол, кои се по правило збунети и изненадени од сите катастрофи кои периодов се редат една зад друга, а чии се активни чинители.

На мнозинството кое досега живуркаше во топлото и безбедно мочуриште на системот, тие настани *одеднаш* му го повлекуваат чергичето од под нозе и го туркаат низ сценската завеса во една друга приказна за едно реално Животиште, каде луѓето се затекнати на сцена голи и боси со својата слабост и мизерија. Како непријатно враќање во јаве после сладок сон, каде јавето е почудно од сонот. Јаве во кое се плаќаат сите сметки.

Стигнува сметката и за споменатата клика, која ја започна епизодава но не може да ја заврши. Оттаму е иронијата и воедно среќата во несреќа, која ја пренебрегнуваат. А тоа е фактот што влегувањето во наметнатото Животиште не ја заменува по автоматизам мочурливата устоеност на системот со нивната посакувана апокалиптична агенда и лажен спас. Туку нашето новооткриено Животиште не` потсеќа за можноста која секогаш ни била отворена – самите да ја довршиме приказната во еден од трите жанрови: монтипајтоновска црна комедија, банален хорор или Библиски еп.

Ќе се надраснеме ли себеси?

По којзнае кој пат целото македонско општество, а особено црните овци кои се резигнирани од двопартискиот хибриден режим на добар џандар – лош џандар, ги гледам рефлексно разгракани до различни степени на избезуменост по повод новото лукаво и дрско подметнување на современата римо-вавилонска империја во насока на разнебитување на својот антипод – македонскиот слободарски, класично либерален, хуманистички и протохристијански народ. Гледај чудо, пак се работи за ноторниот јуда, со нова скрипта од газдите – предавнички трик со референдум за формално докусурување на македонскиот идентитет. Патем, да не случајно некој мисли дека самиот ја смислил идејата и тоа со добра намера? Да не должам со досадни и очигледни квалификации, бидејќи друго ми е мислата.

Повторно гледаме еден веќе досаден урнек на однесување типичен за обете страни. Едните роботизирани прислужници на споменатата империја, а другите беспомошни бунтовници против истата.

Велам роботизирани, бидејќи ја имаат изнајмено својата свест и совест, односно човечност, кај газдата нарачател, чија скрипта ја следат во нехуман роботизиран стил. Тоа е стар урнек на однесување, психосоматска матрица, која се пренесува низ генерации. Во поново време е урнек компатибилен со актуелната агенда за финално обесчовечување на човековиот род преку низата на паралелни проекти, сите синергиски поврзани пред се` преку заедничкиот НЗС – мизантропијата, а обвиткани со тенок целофан од лажен ПР алтруизам. Инверзен урнек кој е индикативен за агендата како отисок од прст.

Другиве велам се беспомошни бунтовници бидејќи никако да успеат да си помогнат себеси. Се` некако се дават во живиот песок сочинет од повторувани и веќе предвидливи трикови. Делумно го надзираат ѕверскиот заговор против народот и смогнуваат доблест да истапат, но никако да прозрат до неговата крајна длабочина и да состават соодветен одговор. Животната енергија и простор наивно се губи низ јалови препелкања до баналност и трагикомедија. Играта трае веќе долго време, деценија по деценија, век по век, пораз по пораз, предавник по предавник. Иако таквото постојано давење во жив песок веќе станува патетично и на некој начин заслужено од аспект на суровиот природен закон, сепак не може на бунтовните сосема да им се замери бидејќи противникот е оној најврховниот и најголемиот, империјата на глобална темна моќ. А таа напредува толку сигурно и непогрешиво низ годините, што веќе сцената наликува на ѕвер кој си поигрува со беспомошен плен.

Препелкањето на пленот е безмалку загарантирано до финалниот горчлив пораз, доколку истиот продолжи да се однесува како плен, отфрлајќи ја својата човечка природа. За танго се потребни двајца, исто како што во случајов за играта наречена уништување потребно е некој да ја игра улогата на уништувачот и некој да ја игра жртвата. Додека бунтовниците продолжуваат да ја играат играта на својот противник во улогата што им е наметната, исходот е јасен.

Секој интелигентен играч добро ги познава правилата на играта во која влегува или ја наметнува, и однапред има подготвено стратегија за победа. Победничката стратегија почива врз противничките слаби страни и сопствените природни јаки страни, дотолку повеќе кога истите се пелин за противникот и кога се игра за опстанок – се` или ништо. Па така, кога влогот и самата цел е едноставно да бидеш она што си, па тогаш друго преостанува освен да се биде? Навидум препросто и едноставно, но вистината е едноставна, а едноставноста е знак за генијалност и врвна софистицираност. Доколку целта е суштински да се постои како слободен, суверен, по своја слободна волја, а потоа колективно како македонец, марсовец или што и да е, тогаш мора пред се` да бидеме тоа суштинското, основното и да го гледаме го светот од таа инстанца, а потоа стратегиите и постапките сами ќе следат. Затоа најпрво треба да се разбере суштината, за да може да се функционира интелигентно и целисходно во свој елемент, со целосен интегритет на личноста. Мора да се отелотворува битието во својата основна природа, за да се отфрли наметната губитничка улога, игра и исход.

Светот е многу поинаков кога се гледа од перспектива на потполното и слободно човеково постоење. Креативни решенија усогласени со тој светоглед сами се наметнуваат, што истовремено го повлекува тепихот под нозете на паразитските структури на уништувачката империја. Зборуваме за домино од практични решенија во сите сфери на општеството: економија, политички систем, образование, култура, право. Само една сфера да земеме како пример, предавничката демократија се менува во директна, во духот на афирмација на слободата, а спротивно на тоталитарната агенда и децениските предавнички политички текови. Може ли во такви услови гореспоменатиот јуда да биде некаков народен претставник и да го фарба народот по скрипта? Победата започнува со самото интелектуално и духовно излегување од играта и улогата на жртва и поданик, и со бескомпромисно прокламирање на природната човекова слобода и суверенитет во сите општествени сфери.

Визијата е јасна и едноставна, од некој аспект дури и преедноставна, па можеби дури и банална. Но заблудата на тој наивен нихилистички поглед не` донесе до тука. Досега егото, неинформираноста и неподготвеноста да ја разбереме реалноста не влечеа назад и надолу. Мора да се отфрли егото и комплексот на ниска вредност. Само така ќе ја разбереме состојбата и визијата за напредок. Само на тој начин можеме да се надраснеме себеси и да прераснеме во она што сакаме да бидеме. Иронијата е дека тоа е всушност она што сме но не го гледаме, а кое противникот многу добро го знае и токму заради тоа не има на заб – идејата и манифестацијата на апсолутни и универзални човекови вредности: човечност, слобода, вистина. Тоа сме ние и тоа е нашата игра. Време е бескомпромисно да бидеме тоа, доколку сакаме воопшто да бидеме.