Ќе се надраснеме ли себеси?

По којзнае кој пат целото македонско општество, а особено црните овци кои се резигнирани од двопартискиот хибриден режим на добар џандар – лош џандар, ги гледам рефлексно разгракани до различни степени на избезуменост по повод новото лукаво и дрско подметнување на современата римо-вавилонска империја во насока на разнебитување на својот антипод – македонскиот слободарски, класично либерален, хуманистички и протохристијански народ. Гледај чудо, пак се работи за ноторниот јуда, со нова скрипта од газдите – предавнички трик со референдум за формално докусурување на македонскиот идентитет. Патем, да не случајно некој мисли дека самиот ја смислил идејата и тоа со добра намера? Да не должам со досадни и очигледни квалификации, бидејќи друго ми е мислата.

Повторно гледаме еден веќе досаден урнек на однесување типичен за обете страни. Едните роботизирани прислужници на споменатата империја, а другите беспомошни бунтовници против истата.

Велам роботизирани, бидејќи ја имаат изнајмено својата свест и совест, односно човечност, кај газдата нарачател, чија скрипта ја следат во нехуман роботизиран стил. Тоа е стар урнек на однесување, психосоматска матрица, која се пренесува низ генерации. Во поново време е урнек компатибилен со актуелната агенда за финално обесчовечување на човековиот род преку низата на паралелни проекти, сите синергиски поврзани пред се` преку заедничкиот НЗС – мизантропијата, а обвиткани со тенок целофан од лажен ПР алтруизам. Инверзен урнек кој е индикативен за агендата како отисок од прст.

Другиве велам се беспомошни бунтовници бидејќи никако да успеат да си помогнат себеси. Се` некако се дават во живиот песок сочинет од повторувани и веќе предвидливи трикови. Делумно го надзираат ѕверскиот заговор против народот и смогнуваат доблест да истапат, но никако да прозрат до неговата крајна длабочина и да состават соодветен одговор. Животната енергија и простор наивно се губи низ јалови препелкања до баналност и трагикомедија. Играта трае веќе долго време, деценија по деценија, век по век, пораз по пораз, предавник по предавник. Иако таквото постојано давење во жив песок веќе станува патетично и на некој начин заслужено од аспект на суровиот природен закон, сепак не може на бунтовните сосема да им се замери бидејќи противникот е оној најврховниот и најголемиот, империјата на глобална темна моќ. А таа напредува толку сигурно и непогрешиво низ годините, што веќе сцената наликува на ѕвер кој си поигрува со беспомошен плен.

Препелкањето на пленот е безмалку загарантирано до финалниот горчлив пораз, доколку истиот продолжи да се однесува како плен, отфрлајќи ја својата човечка природа. За танго се потребни двајца, исто како што во случајов за играта наречена уништување потребно е некој да ја игра улогата на уништувачот и некој да ја игра жртвата. Додека бунтовниците продолжуваат да ја играат играта на својот противник во улогата што им е наметната, исходот е јасен.

Секој интелигентен играч добро ги познава правилата на играта во која влегува или ја наметнува, и однапред има подготвено стратегија за победа. Победничката стратегија почива врз противничките слаби страни и сопствените природни јаки страни, дотолку повеќе кога истите се пелин за противникот и кога се игра за опстанок – се` или ништо. Па така, кога влогот и самата цел е едноставно да бидеш она што си, па тогаш друго преостанува освен да се биде? Навидум препросто и едноставно, но вистината е едноставна, а едноставноста е знак за генијалност и врвна софистицираност. Доколку целта е суштински да се постои како слободен, суверен, по своја слободна волја, а потоа колективно како македонец, марсовец или што и да е, тогаш мора пред се` да бидеме тоа суштинското, основното и да го гледаме го светот од таа инстанца, а потоа стратегиите и постапките сами ќе следат. Затоа најпрво треба да се разбере суштината, за да може да се функционира интелигентно и целисходно во свој елемент, со целосен интегритет на личноста. Мора да се отелотворува битието во својата основна природа, за да се отфрли наметната губитничка улога, игра и исход.

Светот е многу поинаков кога се гледа од перспектива на потполното и слободно човеково постоење. Креативни решенија усогласени со тој светоглед сами се наметнуваат, што истовремено го повлекува тепихот под нозете на паразитските структури на уништувачката империја. Зборуваме за домино од практични решенија во сите сфери на општеството: економија, политички систем, образование, култура, право. Само една сфера да земеме како пример, предавничката демократија се менува во директна, во духот на афирмација на слободата, а спротивно на тоталитарната агенда и децениските предавнички политички текови. Може ли во такви услови гореспоменатиот јуда да биде некаков народен претставник и да го фарба народот по скрипта? Победата започнува со самото интелектуално и духовно излегување од играта и улогата на жртва и поданик, и со бескомпромисно прокламирање на природната човекова слобода и суверенитет во сите општествени сфери.

Визијата е јасна и едноставна, од некој аспект дури и преедноставна, па можеби дури и банална. Но заблудата на тој наивен нихилистички поглед не` донесе до тука. Досега егото, неинформираноста и неподготвеноста да ја разбереме реалноста не влечеа назад и надолу. Мора да се отфрли егото и комплексот на ниска вредност. Само така ќе ја разбереме состојбата и визијата за напредок. Само на тој начин можеме да се надраснеме себеси и да прераснеме во она што сакаме да бидеме. Иронијата е дека тоа е всушност она што сме но не го гледаме, а кое противникот многу добро го знае и токму заради тоа не има на заб – идејата и манифестацијата на апсолутни и универзални човекови вредности: човечност, слобода, вистина. Тоа сме ние и тоа е нашата игра. Време е бескомпромисно да бидеме тоа, доколку сакаме воопшто да бидеме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *