Бомбардирањето со дезинформации се зголемува паралелно со зголемувањето на нападот врз човекот и општеството. Впрочем никој мирно не би прифатил вакво уништување, освен ако умот не му е темелно испран и одвоен од реалноста, а наполнет со лаги и измислици.
На темата со инфлацијата, земјоделието и климатските баба роги, ајде да бидеме малку пореални, да излеземе од стегите на разните политички климатски агенди кои го потопопуваат светов деновиве. Истите безмилосно ловат наивни и добронамерни умови во маглата која се шири.
Цените скокаат поради неколку директни причини:
1. Заради вештачката флуктуација на цената на енергенсите (војната и блокадата со Русија, попречување на производство и користење на јаглеродни горива, скапи и неефикасни алтернативни извори, манипулација на цените на ел. енергија и грабеж) и логистичките трошоци (ковид затворања, вештачки недостатоци-доцнења на репроматеријали, сега блокада на Црвено море, блокирање на Панамскиот канал),
2. Некадарни и предавнички влади во колузија со локалните трговски картели опортунистички ги цементираат високите цени и вештачки одржуваат висока инфлација и маржи. Тука спаѓаат повеќето производи од секојдневната потрошувачка кошничка, од млеко до лубеници. Поврзано со точка 5.
3. Директниот напад врз земјоделците од WEF-овските политичари ширум светот преку забраните за користење на ѓубриво, намалувањето на сточниот фонд и директното затворање на илјадници фарми (пример затворање на 3000 фарми во Холандија, втор најголем земјоделски извозник во светот). Впрочем овие налудничави мерки се главна причина за селанската буна ширум цела Европа.
4. Последниве неколку години најголемите светски производители и трговци на суровини бележат рекордни неколкукратно зголемени профити, во склад со агендата за инфлација, односно осиромашување на народот. Горниот графикон илустрира 4 пати зголемен кеш флоу кај секторот за производство на суровини за 2022 година (кога почна инфлацијата) во споредба со 2020. Во споредба со упросечена вредност за подолг период, стапката на зголемување е уште подрастична. Долниот графикон илустрира зголемување на профитите кај берзанските трговци на суровини во 2022 – годината кога започна трендот на зголемена инфлација.
5. Финансирање на инфлацијата од страна на институциите, наместо да се остави цените да се стабилизираат. Впрочем доколку народот малку го стегне ременот и помалку троши во согласност со превисоките цени, пазарот по автоматизам ќе ги намали цените. Ова е основниот принцип на формирање на цени според понуда и побарувачка, неопходен за добивање на 6-ка во прва година на Економски факултет. Знаејќи го сето ова, сите тие дипломирани економисти, го пумпаат народот со пари кои стануваат се побезвредни, за да со нив се финансираат трговците и да се одржи трендот на инфлација. Мерките со кои се постигнува ова се скалестото качување на цените, иронично наречено „замрзнување“, во спрега со разните форми на еднократна или спорадична социјална помош и зголемувањето на задолжителните минимални плати. Севкупно вештачкото зголемување на платите само има придонес во зголемувањето на инфлацијата, и во намалување на куповната моќ на народот. Која е користа од 500 евра минимална плата, доколку истата вреди како 250 евра од пред некоја година? Истовремено и заштедата на граѓаните е со преполовена вредност, односно купува дупло помалку производи. Во основа народот е осиромашен. Брутална иронија од страна на политичката елита и нејзините налогодавачи, кои додека го уништуваат народот, му се претставуваат како негови спасители.
6. Незапамтено криминално печатење на пари од страна на властите и централните банки, со што истите се обезвреднуваат, а стоките во споредба по автоматизам поскапуваат. Се разбира дека тие свежи пари внесени во промет се кредит кој народот треба да го враќа. Тоа дивеење со народните сметки, во кое политичките елити го презадолжуваат народот до степен на економски банкрот и хаос, го води светот до имплозија и фамозниот „голем ресет“, за кој мизантропските самонаречени елити тријат раце, додека бројни врвни финансиски експерти од опозициската австријска економска школа предупредуваат веќе со децении. Тоа е крајот на социјалистичкиот концепт на Кејнзијанска економија, со полуслободен (дефакто неслободен) регулиран пазар и неконтролирано печатење(фалсификување) на фиктивни пари за покривање на буџетски дефицити (расипништво и перење пари), кое го продаваат како напредок на економијата (скокнал БДП), а всушност го поткопува концептот на приватна сопственост, стандардот на граѓаните(откако ќе пристигне сметката), слободниот пазар, економскиот систем и целото општество.
Можеби испуштам нешто, но ова би биле главните фактори. Поради нивната неверојатна истовремена „коинциденција“ и фактот што поединечно секој нанесува очигледна криминална штета која може да се избегне, севкупно укажуваат на свесно создавање на инфлација, осиромашување и огладнување на народот, и концентрирање на богатството и моќта во рацете на локален и глобален политичко-финансиски слој, кој е при врвот на пирамидата на овој систем во распаѓање.
Слободно додадете други причини или размислувања во коментарите подолу.