Самите сме си криви. Од безумност и бездушност си патиме, зошто бараме крал да не` владее. Си го предаваме личниот суверенитет и слобода на една измама, би рекол дури и свесно, и нелегитимно даваме дозвола во наше име да се спроведува зло врз друг човек. Ние ја создаваме и одржуваме моќта. Таа функционира со наша имплицитна или експлицитна согласност и помош. Без тоа таа не постои.
Моќта има суштинска карактеристика да се концентрира и да корумпира до коска. Иако живееме во тн. демократија, веќе и врапчињата знаат дека за спроведување на некаква народна волја не станува збор. Нема потреба да читаме ниту студии за тоа. Јасно е како бел ден. Целиот народен суверенитет се делегира во системска машинерија, тн. хибриден режим, кој произведува системско зло изразено како репресија, уназадување, дегенерација, уништување, инверзија во скоро секоја област од општественото и приватното живеење.
Инверзијата на принципите и предусловите за човечко живеење е скоро комплетна. Спроведуваме системско гушење на слободата, вистината, човечноста – примарните човекови принципи, предуслов за човечки живот и основни карактеристики на цивилизирано општество. Ние сме соучесници во таа инверзија, одржувајќи го на власт темниот владетел на овој свет со неговата мизантропска свита. Со нашата слабост и незрелост, ние го бараме и му даваме легитимитет да го прави сето ѕверство што го гледаме наоколу. Избори по избори, власт по власт, генерација по генерација, во трка кон уништувањето и дното, се врти револуцијата, која како мелница за месо пред се` ги меле своите деца.
Оттука не изненадува, всушност е сосема логичен и очекуван нападот врз суштинските човечки концепти, за редефинирање на човекот со потиснување и бришење на неговите највозвишени карактеристики и институции, и негово претворање во нешто пониско, понесвесно, поаморално, попокорно, поапатично, посервилно, постерилно. Овој систем е во егзистенцијален судир со човекот и изгледа дека едниот мора да падне.
Во одбрана на неопходноста од систем базиран врз насилство, некој обично ќе возврати дека мора да има ваков систем, инаку кој ќе ги гради и одржува улиците? На тоа можам да се насмеам заради баналниот материјализам и неинформираноста. Или втора теза е дека човекот е расипан, па затоа мора друг човек со практично апсолутна моќ и никакви последици да спроведува тиранија врз другите, несфаќајќи ја длабоката противречност на позицијата во теорија и во пракса.
Истовремено го имаме единствениот вистински цар и господар, Исус Христос, под кој сме еднакви и слободни. Единствено останува да ја прифатиме личната одговорност, што ја носи слободата и директната врска со Бога. Одговорно да го носиме својот крст. Да излеземе од закржлавеноста и заостанатоста на адолесцентната фаза, во која вечно меѓу нас бараме старател да се грижи за нас макар и неправично, брутално и ѕверски, и да не` ослободи од нашата одговорност.
Доколку излеземе од инфантилноста, можеме да се доразвиеме во она што треба да бидеме – суверени луѓе, слободни и еднакви. Тоа или ќе го направиме сега, во догледно време, ќе станеме homo sapiens во полна смисла, свесни и совесни, или шансата ќе исчезне засекогаш. Односно човекот ќе влезе влезе во „новото нормално“ како бот homo machina, каде ќе ја комплетира својата дегенерација во несвесен, неинтелигентен, недуховен, неиндивидуален, неморален, физички инфериорен и контролиран како стока.
Сакаме да го користиме зборот цивилизација. Ни дава привид дека сме дел од нешто подобро, поизбањато, излезено од каменото доба, или дека со ова демек цивилизирано уредување напредуваме (прогресираме) кон нешто подобро. Во пракса гледаме и јасно е кон што регресираме. Веќе некое време забрзано и грозничаво не` туркаат кон некое грдо Ново Нормално. Не дека старото нормално е драстично подобро. И двете се базирани врз насилство, со тоа што кај „новото“ насилството е истовремено посеопшто и посуптилно. Со тоа јасно е дека сега немаме ни ц од цивилизација. Теоретски исто така. Цивилизација и систем заснован врз агресија е контрадикција во поим. Но, додека постои зрно човечко во нас, или Божјата искра, ќе постои идеја, визија и дух за цивилизација.
Кога ќе создадеме цивилен систем, со исклучиво ненасилни и слободни односи пред се` помеѓу помеѓу индивидуите и системот, при што по дефиниција човековите принципи на слобода, вистина и човечност се апсолутни, тогаш ќе можеме да се наречеме цивилизација.
Едноставноста на визијата во случајов е одраз на нејзината софистицираност. Не го прави она што не сакаш да ти го прават на тебе. Почитувај ги слободата, вистината, човечноста во општеството, доколку сакаш истите принципи да бидат применети и кон тебе. Но овој пат темелно и апсолутно, како што доликува за суштински принципи. Во ниту еден системски случај принципите не смеат да бидат компромитирани. Во односите помеѓу индивидуи нормално е да дојде до недоразбирање или одредена патологија, но и во тој случај принципите остануваат на сила. Односно оштетената индивидуа може да смета на слобода (самоодбрана), вистина(информирање на заедницата) и човечност(афирмативен однос), за да се разреши проблемот. Доколку се разбираат принципите, отскоскнува нивната елегантна едноставност и универзалност.
Сакаат да ни продаваат ново нормално наспротив старото. Но тоа е лажна спротивставеност, бидејќи целта на продавачите не е да победи едното или другото. Туку главната цел е засекогаш да се заборави и закопа вистинското нормално. Ниту старо, ниту ново, туку вистинско нормално, за цивилизиран човечки вид и општество. Со природен општествен ред базиран врз апсолутните човечки принципи. Со експоненцијалните придобивки и напредок кои ги носи човековата еманципација.