ГЕНЕРАЦИСКОТО ПРОКЛЕТСТВО НА КОРУПЦИЈАТА

Корупцијата, интегритетот, или било кој урнек кој децата го гледаат кај своите родители, постанува нивна судбина. Ретко кој излегува од маѓепсаниот круг на семејната традиција. Се рекло – круша под круша паѓа. Затоа политичката и духовна одговорност е голема кај секој што планира некаква иднина за своите деца. Во време на глобално разоткривање и конфронтирање на светскиот систем на корупција и зло, секоја индивидуална и семејна корупција е застанување на погрешната страна на историјата.

Па така некој, во наплив на слабост и себеомраза, можеби ќе си рече, ај ќе се приклонам на моќта (и злото), ќе бакнувам задници со ентузијазам, за жена ми да добие унапредување, за да капне некоја тезга, децата да ги запишам на магистратура во странство, втор стан или викендичка ќе си лапнам, ќе го поткрепувам злото како и другите, мислејќи дека со тоа им остава на децата некој благослов.

Всушност сето материјално брзо се стекнува и се губи. Тоа е привид безвреден во споредба со духовното. Она што им го остава на своите деца е проклетство на изгубениот интегритет и човечност, кое се пропагира низ генерациите. Истовремено на општеството му го покажува своето ѕверско лице, кое се откажало од човекот во себе и во другите. За да го врати човечкото, ќе мора да се откаже од ѕверот во себе, искрено да се покае, да го спали старото. Малкумина се способни за тоа. Децата, свои и туѓи, е грев да се осудуваат на таков предизвик.

Вие кои сте го добиле благословот со чесност и интегритет, со својот човечки капацитет за креација, макотрпно но слободно да го пробивате сопствениот пат низ животот, благодарете им на своите родители за тој животен дар.

ТИРАНИЈА И СЛОБОДА

Светот го уништува фикцијата дека постои некакво право еден да присилува друг.
А ќе го спаси сознанието дека луѓето се еднакви и никој нема право другиот да го присилува. Апсолутно никој, никаде, во никој случај. Особено на масовно системско ниво.
Тоа е разликата помеѓу тиранија и слобода.

Иако слободата е природна совршена состојба, а тиранијата е вештачки креирана и наметната од човек, луѓето се кондиционирани да се плашат од својата и слободата на другиот, и особено од личната одговорност која следува со слободата.
Кога човештвото нема да се плаши од слободата, туку ќе ја прифати, тогаш и ќе ја доживее.

Во денешното турбулентно време, сведочиме кулминација на оваa спротивставеност, каде трката е помеѓу трендот на креирани колективни стравови, кој води кон прифаќање на тотална тиранија, и трендот на просветлување со вистината, кој води кон слободата.