До скоро беше модерно да си модерен, нели современ, демек „прогресивен“. Да се воодушевуваш на технолошкиот напредок, да уживаш во некоја од забавите или ескапизми одобрени од естаблишментот, да веруваш дека државната бирократија е сервис на народот, да веруваш во напредок на ова општество, да веруваш во магливата етика на променливите општествени принципи, да веруваш во некаков митски општествен договор.
И така се` беше фино и весело, до моментот кога на мнозинството му стана јасно дека нешто смрди во приказната. Па дали е можно се` да било лага? Како на калеидоскоп се редеа историски настани, кои значеа пропаѓање на приказната. Агендата и пропагандата не го додржаа освестувањето. Со неверување гледавме масовно рушење на основните концепти, институции и авторитети, не само кај нас, туку и глобално: слобода на говор, слобода на движење, телесен интегритет, претставничка демократија, финансиски систем, економија, образование, медицински систем, право на самоодбрана, колективна сигурност,.. и сето тоа во еден период, како по ноти координирано од еден глобално-локален противчовечки естаблишмент, завиткан во тенок демократско-алтруистички целофан. Оние стандардните 30% од популацијата, најзалетаните, профитерите и тапите, останаа верници истовремено и на старата пропадната модерна приказна, но и на новата демек-ресетирана мишоловка, која ја проповедаат истите мрачно-бајати ликови и институции.
Таквиот општествен слободен пад кон амбисот помогна да се запалат светилките во многу глави, прашувајќи се дали сеуште се исплати да се глуми лудило и да се вози нихилистички по линија на помал отпор, поддржувајќи го сопственото системско уништување. Сега кога бродот тоне веќе станува модерно да не си модерен, да не си нихилист, системски подлизурко, паразит, бот.
Така кај многумина, ако не разумот и душата, барем нагонот за преживување придонесе кон освестување за народен отпор и општествено движење за барање на заедничкиот пат напред кон човечко цивилизирано општество. Не назад кон корупцијата која не донесе до тука, туку напред кон нашата суверена судбина. За жал се тргнува од појдовна точка на изгубени во дистопијата.
За да се вратиме на патот, потребно е да разбереме каде излета современиот воз од шините. Модернизмот и пост-модернизмот се двата најважни правци на современиот поглед кон светот. Сите постапки денеска, особено општествените политики се оправдувани под влијание на едниот или другиот. Иако навидум се сродни, во заеднички контекст на современоста, двата правци не можат да бидат поспротивставени. Едниот е анти-теза на другиот. Модернизмот со афирмација на човекот, смислата, разумот, објективната реалност, човековиот потенцијал, идеализмот како основа на реалноста, убавината, уметноста, создавањето, економската наука и општо науката, додека постмодернизмот е негација на истите концепти, со макијавелистички пристап кон моќта, со фокус кон „наративот“ односно злонамерната демагогија во служба на постигнување моќ, и поглед лимитиран на материјализмот како основа на реалноста. Можеби некои од концептиве ќе звучат познато, бидејќи постмодернизмот е идеолошки врзан со за жал популарни човеко-негаторски и материјалистички идеологии како марксизмот, комунизмот, сатанизам-луциферијанизам, „либерализмот“, „прогресивизмот“. Изминатите три-четири децении империјата или естаблишментот го одбра и сеуште го наметнува постмодернизмот и сродните идеологии. Со оглед на неговите веќе испробани горчливи плодови, не треба да изненадува се` поголемиот отпор против сето тоа, и трендот на барање похумани идеи за животот и светот.
Доколку се споредат теоријата и праксата од неодамнешната историја, доаѓа до јасно поклопување со коруптивната и деструктивна постмодерна идеологија како причина за состојбата во која се наоѓаме. Преку медиумите и заробените институции, нихилистичката идеологија досега успеваше да го маѓепса светот и да го втурнува во самоуништување. Но со раѓањето на свеста и откровението на овие суштествени вистини, се фрла светло врз оваа вампирска идеологија која единствено може да егзистира во колективниот мрак на нашите умови и души. Борбата е во доменот на вистината, односно нематеријалното, а против материјалисти тука сме по дефиниција посилни. Во материјален контекст, војната која гледаме дека зоврива во Украина и на Блискиот исток, е последното оружје што го имаат. Ќе се обидат да го фрлат човештвото во самоуништувачка светска војна. Тоа мора со помош на вистината да се спречи или барем ограничи.
Потребно е да не забораваме кои сме како луѓе и кој е нашиот пат напред. Да не забораваме и да не дозволуваме со народот да го играат тоталитарното танго – два чекори напред, еден чекор назад. Мораме да го отфрлиме тој маѓепсан круг, и да ја играме нашата човечка игра, која е со многу едноставни и за нас победнички правила: вистина, слобода, човечност.