Македонија и Вавилон (ЕУ)

Вреди да се даде една размисла во контекст на посетата на елитниот евро-олигарх Фон Дер Лајен, како одговор на нејзините пораки за наше храбро симнување на гаќите за влез во нивното ЕУ.

Влез во ЕУ повлекува разградување на Македонија, слободата, нацијата. ЕУ директивите веќе имаат негативни ефекти врз македонското општество, но со влез во ЕУ и превземање на дополнителни обврски, нивните ефекти ќе бидат разорни. Особено на темите храна, дигитализација, климатска агенда и деиндустријализација (укинување на горива, репресија врз стопанство и човекови слободи), поткопување на семејни и биолошки улоги, итн. Од статусот на надворешно контролиран „хибриден режим“, Македонија би прешла во провинција на ЕУ супер-државата, со зацементиран назив „Северна“, и би била подиректно контролирана од ЕУ бирократијата и олигархијата што стои зад неа.

Од друга страна, грантовите се морковот со кој го поткупуваат бедниот народ, a всушност не обезбедуваат развој, туку одржуваат мизерија и зависност колку да се издржи до следниот грант. Вистински одржлив развој е единствено можен со локални економски слободи (не со ЕУ регулатива т.е. препреки) и на светскиот слободен пазар.

Околу европските вредности со кои им се полни устите, секојдневно се покажува дека тоа се всушност човекомразачки анти-вредности, пред се` на штета на сопственото европско население. Со тие анти-вредности ЕУ елитата покажува дека е на погрешната страна на историјата, како репресивен тоталитарен деспот против своето население и другите (нео)колонизирани народи.

Како што и самите ЕУ елити најавуваат со нивниот „голем ресет“ и поврзаните проекти, воведуваат тоталитарно ропство врз безлична и деградирана мешавина на луѓе по углед на денешна дигитална Кина и поранешниот аналоген СССР. Човекот го сведуваат на бар код во компјутерска база, при што низ дигитализиран свет полн со сензори и камери за мониторинг, планираат да го контролираат тотално и апсолутно.

При сето ова, опстанок и вистински развој е можен единствено храбро преку сувереност и мобилизација на сопствените капацитети, базирана врз бескомпромисни вредности, кои на пиедестал ги држат човекот-индивидуата, слободата и вистината.

Уште поважно и поитно, за Македонија да се заштити од тековниот налет на глобалистите за воспоставување на светски тоталитарен дигитализиран поредок во кинески стил, мора да остане надвор од ЕУ, и самата суверено да си го наоѓа патот, со сите одговорности, ризици и придобивки кои ги носи слободата. Овој пат е реален бидејќи силата е во народот, кој само треба да биде потсетен за тоа.

Остај тоа. Глеј си ти за себе.

Некој мислава ја кажува во огледало, некој ја вели на децата, некој на познаниците.

„Гледањето за себе“ е потребно. Тоа е дел од природниот механизам за напредок и самоодржување. Индивидуата логички и природно е примарна со својот нагон за самоодржување. Впрочем ако не си добар за себе, не си добар ни за другите. Проблемот е во „Остај тоа“. Човекот нели е општествено битие.

Додека соседот страда од системски наметнати катастрофи кои можат и треба да бидат избегнати (инфлација, масовна (е)миграција, систематски грабеж, нелегитимна присила, перење на умот, идеолошка и културна деградација, болести, нивни лекови, војна, тоталитаризам, отежнат пристап до храна, вода, воздух, слобода на движење, слобода на говор, итн.) ние се вртиме на другата страна и си „гледаме за себе“. Додека се поткопува постоењето на идните поколенија, ние се вртиме на друга страна и си „гледаме за себе“. Каде е тука човечноста, и пред се` нагонот за преживување? Денеска е соседот, утре ќе бидеш ти или твоите деца и внуци.

Кога заедницата, чиј сме дел, е под активна закана од повеќе катастрофи кои потекнуваат од ист или сличен центар, пред се` заради нагонот за сопствено преживување, а потоа и заради хуманото чувство на емпатија, индивидуата треба да превземе нешто. Тука свесното игнорирање на заедничкиот проблем во стил „глеј си за себе“, е еднакво на патолошко самоуништување и социопатски садизам врз другите.

Се` додека многумина со испран мозок, загушена емпатија и сопствен нагон за преживување, се поклоници на вакви антисоцијални материјалистички идеи кои тотално ја игнорираат зедничката опасност, не постои society, општество, цивилизација, туку имаме ѕверско нечовечко брутално постоење. Како ѕверот да го претворил човекот во истото со цел да се самоуништи.

Деморализирани, отрпнати, го толерираме злото што не` проголтува поединечно но и заедно, со децении постојано во заедничка трка кон дното. Во денешниот хипер-поврзан свет, кај заедничките закани пасивни набљудувачи не постојат, туку стануваат имплицитни учесници, поддржувачи на уништувањето. По линија на помал отпор, се вовлекуваме и стануваме дел од револуцијата, вртелешката која во име на хуман напредок уништува стоејќи во место, мелницата на човештвото, која безмилосно ги прождира своите деца.

Со тие материјалистички античовечки идеи и постапки, светот го претвораме од вистински рај во она што денеска го гледаме како секојдневно ескалира. Самите се протеруваме од рајот со секое кучешко „Остај тоа, глеј си за себе“.

За враќање кон рајот потребно е да се очовечиме. Да му го кренеме моралот на човекот да се бори за сопственото преживување и напредок во рамки на цивилизирано (цивилно, ненасилно, слободно) општество. Да веруваме во сопствената свест и совест, т.е. човечност. Таа верба не` отсликува поединечно, заедно, и ја дефинира нашата иднина.