Некој мислава ја кажува во огледало, некој ја вели на децата, некој на познаниците.
„Гледањето за себе“ е потребно. Тоа е дел од природниот механизам за напредок и самоодржување. Индивидуата логички и природно е примарна со својот нагон за самоодржување. Впрочем ако не си добар за себе, не си добар ни за другите. Проблемот е во „Остај тоа“. Човекот нели е општествено битие.
Додека соседот страда од системски наметнати катастрофи кои можат и треба да бидат избегнати (инфлација, масовна (е)миграција, систематски грабеж, нелегитимна присила, перење на умот, идеолошка и културна деградација, болести, нивни лекови, војна, тоталитаризам, отежнат пристап до храна, вода, воздух, слобода на движење, слобода на говор, итн.) ние се вртиме на другата страна и си „гледаме за себе“. Додека се поткопува постоењето на идните поколенија, ние се вртиме на друга страна и си „гледаме за себе“. Каде е тука човечноста, и пред се` нагонот за преживување? Денеска е соседот, утре ќе бидеш ти или твоите деца и внуци.
Кога заедницата, чиј сме дел, е под активна закана од повеќе катастрофи кои потекнуваат од ист или сличен центар, пред се` заради нагонот за сопствено преживување, а потоа и заради хуманото чувство на емпатија, индивидуата треба да превземе нешто. Тука свесното игнорирање на заедничкиот проблем во стил „глеј си за себе“, е еднакво на патолошко самоуништување и социопатски садизам врз другите.
Се` додека многумина со испран мозок, загушена емпатија и сопствен нагон за преживување, се поклоници на вакви антисоцијални материјалистички идеи кои тотално ја игнорираат зедничката опасност, не постои society, општество, цивилизација, туку имаме ѕверско нечовечко брутално постоење. Како ѕверот да го претворил човекот во истото со цел да се самоуништи.
Деморализирани, отрпнати, го толерираме злото што не` проголтува поединечно но и заедно, со децении постојано во заедничка трка кон дното. Во денешниот хипер-поврзан свет, кај заедничките закани пасивни набљудувачи не постојат, туку стануваат имплицитни учесници, поддржувачи на уништувањето. По линија на помал отпор, се вовлекуваме и стануваме дел од револуцијата, вртелешката која во име на хуман напредок уништува стоејќи во место, мелницата на човештвото, која безмилосно ги прождира своите деца.
Со тие материјалистички античовечки идеи и постапки, светот го претвораме од вистински рај во она што денеска го гледаме како секојдневно ескалира. Самите се протеруваме од рајот со секое кучешко „Остај тоа, глеј си за себе“.
За враќање кон рајот потребно е да се очовечиме. Да му го кренеме моралот на човекот да се бори за сопственото преживување и напредок во рамки на цивилизирано (цивилно, ненасилно, слободно) општество. Да веруваме во сопствената свест и совест, т.е. човечност. Таа верба не` отсликува поединечно, заедно, и ја дефинира нашата иднина.