Погубно е да се турка технолошка револуција на општеството базирана врз вештачка интелигенција, се` додека целосно не ја разбудиме природната интелигенција. Над половина од народот не употребува критичко размислување и совест, односно функционира како бот по директива (од партија, држава, религија, корпорации, улица), според ChatGPT.
Колку повеќе се доближуваме до состојба на природна неинтелигенција наспротив вештачка интелигенција, толку повеќе човештвото е обезвреднето и дехуманизирано. Тоа им дава аргумент на елитистите како Клаус Шваб, Јувал Харари, Бил Гејтс или Елон Маск, да го третираат човештвото како несвесен објект, бескорисен вишок и финансиски трошок кој треба да се намали.
Истовремено материјалната, човечка и општествена загуба од нереализираниот и репресиран креативен човечки потенцијал е немерлива, и многу поголема од било која придобивка од дигитализација или вештачка интелигенција.
Со префрлањето на интелигенцијата од човештвото кон машините, човештвото го губи политичкиот капацитет, кој преоѓа во елитите кои ги контролираат машините, а со тоа добиваат и тотална контрола и врз луѓето.
Треба да сфатиме дека човекот има вродени слободи, интелект, креативност, а со тоа и суверенитет. Патем тоа го пишува и во уставот, односно државата го црпи суверенитетот од суверенитетот на граѓаните. Потребно е да се освестиме и храбро да ја носиме главата крената. Нашата свест и совест потребно е гласно да ја манифестира реалноста која ја сакаме, а не молчејќи како ботови и нелуѓе да ја прифаќаме наметнатата и погубната реалност.