Бидејќи приватно се ангажирав за подобрување на ситуацијата со поддршката на иновациите од 2011та, имав прилика одблиску да бидам запознаен со ФИТР уште од самиот процес на основање, кога се подготвуваше законот за иновации и целата документација за фондот, и да ја следам активноста низ годините. Уште од почеток имаше етички и правно сомнителни работи, а беше и јасно дека не само што нема да биде мотор и катализатор на македонската стартап сцена, туку ќе ја уназади за години. Новата постава на фондот ја продолжува традицијата, за жал.
Во реалниот сектор како креативна страна на економијата, и особено во технолошките иновации, неопходен е беспрекорен фокус кон креацијата и развојот. За тоа е потребен соодветен дух и систем на вредности. Секое застранување на фокусот, може да биде кобно за една компанија, а ако е на пошироко ниво, на пример на ниво на индуструски сектор или на „заедница“, деградацијата ќе биде исто така на пошироко ниво. Барем јас сум сведок дека еден куп луѓе последниве години се прашуваат „што е со заедницава“ или како да ја подигнеме истата. Нема да ја подигнеме со слугување на првиот било каков политички авторитет кој ќе се појави.
Затоа при инфилтрација на потенцијално коруптивни институции во една клучна гранка, која е етички чиста и е во зародиш, уште повеќе треба да се биде ригорозен при евалуацијата на компатибилноста. Не може институции кои се етичка и бизнис анти-теза на технолошките стартапи, да ги развиваат истите. Тие само паразитираат врз квалитетниот ПР кој го добиваат со асоцијација со највредното во општеството, а истовремено го држат под нога.
Затоа енергијата треба максимално да се конзервира, и вниманието да се насочува интерно во проектите и во меѓусебна соработка peer2peer.
Единствен одржлив и ефикасен пат за напредок е самата индустрија приватно да си изгради инфраструктура (фондови, акцелератори, настани, и тн.), и верувам дека наскоро ќе има поголем ефект во таа насока и ќе има повеќе чист приватен капитал достапен за рециклирање во VC инвестиции по меритократорен принцип.