Некои скорешни наслови во домашните портали на тема иновации во Македонија ме поттикнаа да пишам мои тековни размислувања на темата. Тема во која интензивно, со лични средства и филантропски бев инволвиран во нејзиниот зародиш и афирмација од 2011 до 2015 преку моите иницијативи Фондацијата Балкан анлимитед, Balkan Venture Forum и Superfounders. За жал важностa на иновативната индустрија и немањето на локален човечки(морален) капацитет, придонесе истата да биде задушена во самиот зародиш. Така денеска од иновации и стартапи во Македонија има премалку реалност, но има премногу ветер и магла, по некој криминал и мноооогу молзење на фејкерски ПР.
Едниот текст што ме поттикна да пишувам е ова интервју, кое според мене содржи очигледно неточни, би рекол и пародични изјави за „зрелиот“ стартап еко-систем на Македонија, кој бил поставен „на мапата“ од страна на „основоположникот“. Всушност колку е екосистемот „зрел“ нека биде индикатор и вториот наведен текст подолу. Нема да правам повеќе „спојлери“, па ќе оставам познавачите и љубителите да го прочитаат со уживање и да ги најдат бисерите.
Вториот текст кој се појави деновиве и ме поттикна да напишам нешто е следниов. Нема што дополнително да се каже.
Ваквите текстови ме поттикнаа да кажам нешто, да ја растерам малку маглата. А и денов беше таков, дувна ветер и ги растера маглата и облаците, па видовме сонце и дишевме свеж планински воздух како ретко кога во овие месеци и години.
Да се навратам на темата со едно резиме на состојбата. Наместо да имаме динамичен и иновативен индустриски и сервисен сектор кои ќе ја движат Македонија кон воспостаување на човековите и општествените вредности, кон висок животен стандард, развој на сите полиња, политичка стабилност на државата на внатрешен и надворешен план, сопирање на одливот на мозоци, сега имаме еден смачкан квази-екосистем, со експресно иселени(изгонети) таленти, без срж и инфраструктура, со непотребно и трагично изгорени идеи, младешки ентузијазми и компании, со шака иновативни фирми без особена експоненцијална патека на развој, но затоа имаме екосистем погоден за евтин и лажен ПР на истите кои го уништуваат, и тотално вклопен во надреалната и апсурдна Северџанија.
Иновативниот сектор беше задавен во зародиш и континуирано е задавуван, а концептот стартап, од нешто што прогресивно и инспиративно, бидна потрошен празен збор и претворен од страна на медиокритетни лебарки во нешто за потсмев. Слика прилика на генералната состојба во земјата. Така инверзијата на човечките вредности и негативната селекција систематски зацаруваа и во најчедниот сектор кој беше во зародиш, во чија срж треба да е меритократијата и високите човечки вредности. Обичниот народ и наивните ги лажеа со евтин ПР и сеуште ги лажат дека ова се тие фамозни иновации кои еве и ние ги имаме кај нас. Оној што правел, бил и видел, ќе знае дека немаме ниту „И“ од тоа. Има едно Потемкино село, кое симулира нешто за дневно-политички потреби, за залажување на масите и најважно за узурпација на просторот. Станува збор за класичен “gaslighting“. Народот го прават луд, одземајќи му ја иднината.
Жалното е што токму тој сектор може и треба да биде моторот за развој и извлекување не само од економската, туку и од политичко-националната криза, и тоа не само на домашно, но и на интернационално поле. Затоа неговото задавување беше и продолжува на систематски начин, интензивно, со домашни и странски ресурси.
Не бидете изненадени ако разни опортунисти и политичари, продолжат да молзат квалитетен ПР во улога на бенефактори на сопствената жртва. Таквата изопаченост и свирепост се во духот на Северџанија.
Доколку некој сака да прочита малку повеќе за развојот на иновацискиот еко-систем во Македонија и во Балканскиот регион, може да пробуричка на сајтовите кои ги линкував на почетокот на текстов, како и меѓу постарите написи на овој блог: