[MK] Авторитаризам или слобода

Сеуште извира авторитаризмот, впиен во општеството по децении комунизам и последно, по деценија национал социјализам.

Мора да е тоа, инаку како е можно до толку да сме изгубиле допир со цивилизираноста, за да ни е непоимливо општествените ситуации и релации да ги решаваме на волунтарен начин, без примена на агресија/присила? Да потсетам, зборот цивилизација го содржи зборот цивил во себе, што влече изворно значење од класичниот латински како „учтиво, ненасилно“.

Во целата дебата за законот за заштита од пушење земена како пример, нема ниту еден аргумент кој содржи обзир кон цивилноста, ненасилноста кон слободата на група индивидуи да прават нешто во приватна просторија која е отворена за јавноста и наменета токму за правење на тоа нешто. Зошто е непоимливо да може да се пуши во просторија наменета за пушење? Кој е тој етички критериум што го надминува правото на слободно располагање со своето тело, ум и материјални ресурси? Поважно е да се дискутира околу опасната можност кафанџиите да имале влијание врз законот кој нив ги регулира. Тоа било „regulatory capture“, голем баук. Чувај боже, уште пак да си умислат дека можат слободно да работат со своите ресурси.

Одлична илустрација на авторитарниот мајндсет на обичниот човек во Македонија, кој едвај чека да стане тиранин кон другиот веднаш штом му се укаже шанса. Сетоа тоа е разбирливо, бидејќи во авторитарната пирамида, чии белези ги има нашето општествено уредување, тиранијата задолжително се пропагира од горе надолу, ниво по ниво. Недозволиво и физички неиздржливо е пропагирањето да сопре во некое ниво.

Инаку јас сум бивши пушач и повеќе ми годи кога не се пуши, но го бранам правото на другите да прават што сакаат со своето тело, ум и материјална сопственост. Ако е објектот означен како зона за пушење, ќе го земам тоа во обзир пред да влезам како гостин, пред да се вработам, или пред да соработувам со нив. Но нема да лобирам кај државата, односно да и делегирам право кое го немам, присилно да ги спречи слободно да располагаат со својата сопственост.

Ако сакаме да се нарекуваме цивилизација и да се сметаме за цивилни, ненасилни, слободни и совесни луѓе треба да се потсетиме што e слобода. Со тоа ќе ги решиме прво нашите индивидуални противречности, а потоа и општествените. Ако го разбереме ова можеби имаме шанса да станеме цивилизација.